Одбележана Интернационалната недела на сестринството

Сподели

Унијата на ЗМСТАЛ предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ вчера, на 11. мај,  организираше настан – свечена академија по повод Интернационалната недела на сестринството.

На свечената академија беа доделени 30 плакети на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри за успешност, хуманост и особен продонес во својата професија за изминатата година.

„По една година постоење здружението „За нас“ брои над 2000 членови, а заедно со останатите здруженија во Македонија под платформата на Унијата, над 5000 членови. Станува збор за импозантна бројка на медицински сестри, техничари, акушерки, стоматолошки сестри и лаборанти кои се сплотивме за конечно да си ги оствариме своите права, и оваа хумана професија да го добие третманот кој го заслужува. Изминативе години властите не не препознаваа и нашите индивидуални барања, активности и обиди за некаква промена завршуваа без одговор. Унијата е таа која пред се со бројката на членови сама по себе преставува вистински и единствен репрезент на медицинските сестри, техничари, акушерки, стоматолошки сестри и лаборанти. Годинава во таа чест ја прославуваме неделата на сестринството. Конечно сплотени и единствени.“ – изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАСЛ и ЗМСТА – ЗА НАС.

Свечената академија ја отвори дип.акушерка Милица Беслач во чест на акушерките, а со специјална награда – плакета постхумно беше одликувана сестра Никанда Ќипроска за особен придонес и развој на сестринството во Р.Македонија.

Примариус д-р Димитар Котевски беше одликуван со плакета за животно дело за посебна афирмација на сестринството преку сопствената фондација и единственото списание во Македонија наменето токму за сестрите „Сестринство“.

За забавниот дел од програма на свечената академија се погрижија учениците од гудачкиот оркестар при средното музичко училиште „Луј XVI“ и танцовата двојка Татјана Јаковска и Андреј Димоски.

ПРВ КОНГРЕС СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО

Наредната недела од 18. до 20. мај Унијата на ЗМСТАСЛ предводени од ЗМСТА – ЗА НАС организираат ПРВ КОНГРЕС со меѓународно учество на тема: „ГРАДЕЊЕ НА ТИМОВИ ВО ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ЗА ПОДОБРА И СОВРЕМЕНА ЗДРАВСТВЕНА ГРИЖА НА ПАЦИЕНТИТЕ“.