Македонија традиционално и конзистентно гласа во Генералното собрание на ОН, последен пат на 21 декември 2017 година и не размислува за преместување на својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, се вели во одговорот на Министерството за надворешни работи на Македонија на прашањето на МКД.мк за одлуката земјата да го поддржи отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим, спротивно на политиките на поголемиот дел од членките на ОН и на ЕУ.
Одлуките на владите на Србија, Албанија и на Македонија наспроти политиките на мнозинството на членките на ОН и ЕУ предизвикаа многу недоумици во овие земји. Поголемиот број амбасадори на ЕУ (освен Австрија, Унгарија, Чешка и Романија) ја бојкотираа свеченоста на отворањето на американската амбасада во рамките на политиката за неприфатливост овој град да биде единствен главен град на Израел сѐ додека не се реши преку израелско-палестинските мировни преговори. Македонија немаше претставник на синоќешното отворање на амбасадата на САД во Ерусалим, појаснуваат од МНР.
Тоа не имплицира ниту неконзистентност, ниту промена на ставот на Република Македонија во однос на ова прашање.
Во однос на прашањето за статусот на Ерусалим, Република Македонија останува на своите добро познати и јавно декларирани ставови, стриктно придржувајќи се кон одредбите на меѓународното право, преточени низ релевантните резолуции на ОН, за кои Република Македонија традиционално и конзистентно гласа во Генералното собрание на ОН, последен пат на 21 декември 2017 година и не размислува за преместување на својата Амбасада од Тел Авив во Ерусалим“, се вели во одговорот од МНР.