Во Старата скопска чаршија, вчера градоначалникот на Скопје Шилегов ја отвори „Лабораторија за урбано живеење“ во Скопје (Urban living lab), нова просторија која се отвора во рамките на европскиот проект „РОК“ – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK).
– Враќањето на животот во стариот дел на градот е наша стратешка определба, и затоа посветено работиме културното наследство да го направиме достапно за сите. Активностите коишто планираме да ги преземаме не му дадат само ново светло на наследството туку ќе овозможат да се испреплетат во него историјата и сегашноста, и да го направат автентична основа за идното културно творење на нашите сограѓани. Културното наследство, го претставуваат разни добра, наследени од генерациите пред нас или настанати во сегашноста, кои имаат специфична вредност и треба да бидат зачувани за идните генерации. Затоа, неопходно е да се одржува развојот на културното наследство, преку имплементација на соодветни методи и стратегии за валоризација, реставрација, ревитализација, конзервација и заштита – кажа градоначалникот Шилегов.
– Оваа Лабораторија треба да претставува центар на акции, односно процесите што ќе почнат во неа ќе обезбедат нов увид во потенцијалот и зачувувањето на културното наследство, со што ќе се создаде можност за квалитативна просторна повторна употреба, која ќе отвори работни места во креативните индустрии, истовремено ќе го ублажи влијанието врз климата и ќе овозможи демократски и фер односи – потенцираше Шилегов.
Проектот „РОК“ се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во рамките на овој проект успешни иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од 7 избрани градови: Атина, Клуж – Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во 3 „репликатор“ градови: Болоња, Лисабон и Скопје.