Граѓански иницијативи против изградбата на гасовод на Водно

Сподели

По разгледување на документацијата доставена на увид, реалната слика на терен и врз основа на водените разговори со надлежните институции и фирмите вклучени во изградбата, граѓанските еколошки иницијативи остануваат против изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно.

Претставници на граѓанските иницијативи досега воделе разговори со претставници од Македонско енергетски ресурси (МЕР), на Министерството за транспорт и врски, Простор ДОО Куманово (изработувачи на физибилити студијата, идејниот проект и надзор), Чакар партнерс ДОО Скопје (основен проект), Рапид билд ДОО Куманово (изведувачи), со советници на претседателот на Владата на РМ и на град Скопје.

Во соопштението од граѓанските иницијативи: Го сакам Водно, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на загадувањето, Екокарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог-аларм и Сакаме Аеродром да дише се наведува дека парк-шумата Водно е заштитено подрачје и дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

Активистите на овие граѓански здруженија и натаму сметаат дека парк-шумата Водно е заштитено подрачје, дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

„Парк-шумата Водно има заштитен статус кој Собранието на град Скопје го има донесено во 1976, а е потврдено во 1991. Ова претставува регистрирано природно наследство кое според Меѓународниот сојуз за заштита на природата и природните богатства (IUCN) има меѓународен статус: III категорија и режим на заштита. Овој режим на заштита забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон.

Парк-шумата Водно е дом на глобално и европски загрозени видови, значајни ретки и ендемски видови, на ретки или засегнати типови на живеалишта.

Трасата на гасоводот, 11 километри по Водно, би поминала низ над 4 километри високостеблеста шума, даб (благун и горун) и габер (бел и воден), црн бор, со ширина помеѓу 25 до 10 метри (10 до 4 хектари шума), дел низ т.н. нискостеблеста шума, би ги уништила живеалиштата на зачајни видови, од кои еден е ендемичен скакулец кој живее само на Водно (Poecilimon vodnensis), потоа растението (Fritillaria gussichiae) кое има меѓународен статус на заштита и се наоѓа на разни листи од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, Европски загрозените видови, Бернската конвенција, Хабитат директивата, како и на неколку ретки и значајни видови на печурки. Дел од трасата поминува низ строго заштитена зона, според ревалоризацијата на парк-шумата Водно, која носи повисок степен на заштита. Минирањето на камењарите и тревестите делови, т.н. голи појаси на трасата, би уништило голем биодиверзитет и ретки видови со кои обилуваат.

Гасоводот на териоторијата на парк-шума Водно би почнал од јужната страна од селото Сопиште, при што преку сртот оди кон врвот на Водно, па паралелно со пешачката патека кон бункерите, цело време низ шума, по што повторно преку шума оди до Бел Камен, од каде се спушта кон селото Шишево. Ова претставува една од поомилените рекреативни зони на Скопјани, особено по изградбата на жичарата, а посебно популарна од отпочнување на градежните работи на кулата на АЕК, поради која посетителите веќе го избегнуваат врвот Крстовар. Патеката кон бункерите води низ борова шума со дебел сенка, над која има потесни козји патеки. Со изведба на трасата, наместо шума тука би се појавил соголен срт.

Покрај природните вредности, парк-шума Водно содржи и значајни палеонтолошки и археолошки наоди. Со оглед дека ископот на трасата бара и минирање, потенцијалните наоди би биле неповратно уништени.

Со оглед дека постои алтернативно решение кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шума Водно се неоправдани.

Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот се наведува дека избраната траса бара минимална експропријација. Најголемиот дел од трасата низ Водно е државно земјиште. Но, минимална експропријација не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје. При тоа 56 км од целата траса, заедно со кракот за Тетово, имаат незавршен процес на експропријација и Владата само за оваа година планира да потроши околу 6 милиони евра за решавање на имотно-правните односи на овој дел од гасоводот, делница 5. Што значи стопирањето на гасоводот низ Водно и одобрување на алтернативна траса за тој потег, не е главната пречка за изградба на гасводот до Тетово и Гостивар.

Дополнителна причина за изборот на оваа траса низ Водно, наведена од проектантите, е што не ги сече главните водоводни цевки од Рашче кон Скопје. Но во исто време, планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа, што повторно не го оправдува изборот на трасата низ парк-шума Водно…

Оценката за влијанието врз животната средина за овој проект не го разработува делот на трасата на гасоводот кој поминува низ заштитената парк-шума Водно посебно и со тоа не се земени предвид влијанијата врз тој простор.

Постојат нелогичности и неслагање на датумите на поднесувања на барања, издавање на документите, и склучувањата на договорите. Пример:

Како е можно МЕР прво да објави оглас за јавна набавка за изградба на оваа делница од магистралниот гасовод, а дури четири месеци подоцна да добие овластување од Владата на РМ за изградба на истава делница?

Како е можно Барање за одобрување на проектот за инфраструктура да се поднесе пред проектот да биде изработен? Како е можно истиот проект прво да се одобри, а потоа да се даде изјава од изработувачот на проектот, која е составен дел од барањето за одобрение?

Како е можно договор за надзор над градба на магистралниот гасовод, делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар да биде потпишан три дена пред МЕР да склучи договор за јавна набавка за вршење надзор над изградба на предметната делница 5?

Сето ова нѐ наведе да заземеме став ПРОТИВ изградбата на гасоводот низ Водно, за што е веќе известен МЕР и работната група.

Доколку се продолжи со работење на трасата низ парк-шума Водно, даваме до знаење дека ние граѓаните ќе се бориме со сите расположиви средства против. Се надеваме дека МЕР, Владата на РМ, ќе одобри алтернативна траса, со што парк-шума Водно ќе остане заштитена, а магистралинот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе се изгради“.

Потписници на ова писмо се граѓанските иницијативи: Го сакам Водно, О2 коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на загадувањето, ЕкоКарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје смог аларм и Сакаме Аеродром да дише.