Се надеваме дека надлежноста на СЈО ќе биде проширена на случаите од висока корупција. СЈО и понатаму ќе отвора истраги. Потребно е законско решение за измена на законодавството за да се осигури дека СЈО ќе има трајна основа за продолжување за својата работа, порача обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, на конференцијата организирана од Институтот за европска политика – ЕПИ, за поглавјето 23.
Таа рече дека имале голем број предистражни постапки со меѓународен елемент и сето тоа го одолговлекувало моментот за одлуки.
– Најзначајната карактеристика на СЈО е токму автономијата. СЈО ги поседува потребните капацитети за борба против криминалот и реформите нема да бидат целосни ако не се опфати и СЈО – рече Ристоска.
Ристоска изјави дека се задоволни што биле одобрени 15 обвинителни акти и што има пресуди за 14 обвинети лица.
– Имаме започнато судења за најголем дел од обвиненијата. Имаме пресуди за 14 обвинети лица. Потребно е законско решение за измена на законодавството за да се осигури дека СЈО ќе има трајна основа за продолжување за својата работа – додаде обвинителката.