Мичел: САД води тивка дипломатија за спорот за името

Сподели

Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

– Неодамна зазедовме заеднички став не само за Србија и Косово, туку работиме и на БиХ, на прашањето за името помеѓу Македонија и Грција. Како што напоменав, дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија, Франција, Италија и Велика Британија охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО – рече Мичел во обраќањето на Херитиџ фондацијата, каде ја промовираше стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа.

Тој истакна дека САД на овие области на дневна основа трошат време и енергија, како и ресурси за проблемите на Западниот Балкан.

– Мислам дека за некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, не очекувам да видам целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок – оцени помошникот државен секретар за Европа и Евроазија.

Тој исто така кажа дека САД работат активно на запирање на руската кампања на дезинформации во регионот, почнувајќи од балтичкиот регион, источна Европа па се до Балканот и Кипар.

– Постои голем предизвик со руските вложувања во Кипар и затоа работиме на тоа да го запреме руското влијание таму и во југоисточна Европа, со поцврста воена соработка со такви сојузници како Грција – рече Мичел.

meta.mk