Премиерот на Австрија, Себастијан Курц, истакна дека во рамките на „борбата против политички ислам“ е донесена одлука за затворање на седум џамии во оваа земја и за депортирање на голем број имами кои се финансирани од странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Курц на прес-конференција ги соопшти одлуките донесени во рамките на „борбата против политички ислам“.
Курц нагласи дека е завршена истрагата за некои џамии и здруженија и дека во овие рамки се забранети активностите на седум џамии, а голем број имами ќе бидат депортирани под изговор дека се финансирани од странство.
Министерот за Европска унија (ЕУ) на оваа земја, Гернот Блимел, истакна дека шест од седумте џамии за кои е донесена одлука за затворање, му припаѓаат на Арапското културно здружение, и тврди дека во овие џамии се шири екстремизмот, па затоа донеле одлука за затворање.
Блимел, исто така, тврди дека една џамија која им припаѓа на Турците шири турски национализам, и дека џамијата е затворена поради тоа што врши активности без дозвола на Исламската заедница на Австрија, институција која официјално ги застапува муслиманите во земјата.
Министерот за внатрешни работи на оваа земја, Херберт Кикл, рече дека Законот за ислам донесен во 2015 година им забранува на имамите што работат во Австрија да земаат плата од странство, дека финансирањето на имамите од странство е нелегално, и оваа состојба е против законот за мигранти. Тој нагласи дека дозволите за престој на имамите кои земаат плата од странство ќе бидат откажани, и дека ќе бидат одбиени нивните барања за продолжување на визата за престој.
Кикл истакна дека е започнат процес за откажување на дозволите за престој на 60 имами кои работат во рамките на Турско-исламскиот сојуз за култура и социјална хуманитарност (ATİB), под изговор дека се финансирани од странство.