Републичкото здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија кое е организатор на четири досега одржани средби на децата бегалци, заедно со здруженијата од Велес, Штип, Радовиш, Струмица, Битола, здружението “Чеган” од Скопје и здруженијата на децата бегалци од дијаспората, уште во месец октомври 2017 година, ги започнаа подготовките за организирање на Петтата светска средба на децата бегалци, која ќе се одржи од 19 до 21 јули оваа година, во повеќе градови низ Република Македонија, во рамките на одбележувањето на 70 годишнината од напуштањето на родните огништа во 1948 година, во виорот на Граѓанската војна во Грција.
Програмата на Средбата е прифатена од страна на Владата на Р. Македонија, Министерството за Култура на Р. Македонија, Градот Скопје, како и општините каде се предвидени одделни активности. Договорено е, покровител на Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија да биде Претседателот на Владата, господинот Зоран Заев.
Не чуди соопштението на здружението “Македон” на Г-дин Ташко Јованов, објавено во некои медиуми, дека Петтата средба на децата бегалци ќе се одржела во Скопје на 30 јуни, со кое внесува забуна во јавноста. Ако “Македон” и Ташко Јованов се јавуваат како организатори на некаква манифестација, средба или што и да е, тоа во никој случај не може да се нарекува Петта светска средба на децата бегалци, туку само опструкција на истата. Уште повеќе зачудува тоа што “Македон” и Ташко Јованов никогаш не се вклучиле во организацијата на четирите досега одржани средби на децата бегалци (1988, 1998, 2003 и 2008 година.), се вели во соопштението.
Ѝ Соопштуваме на јавноста, дека Републичкото здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, кое е формирано уште во 1987 година и е единствен легитимен организатор на сите четири одржани средби, нема да дозволи “Македон” и Ташко Јованов да внесуваат забуна во јавноста користејќи го името на традиционалната Средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, која годинава ќе се одржи по петти пат од 19 до 21 јули. За таа цел ќе поднесеме тужба до надлежниот суд за изрекување мерка, забрана за користење на насловот на Манифестацијата и надомест на штетите што ќе произлезат, изјавија од здружението.
Републичко здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – Скопје