Заев: Државата е горда што одбра решение што обединува – Поместивме планини

Сподели

– Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е – возможно! Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека ова е свечен чин и израз на посветеноста да се најде решение што е во интерес на иднината и на граѓаните на двете држави.

– Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото – градиме иднина.

Заев додаде дека решението и процесот што е поминат во преговори од Грција направил пријател, „за кој до вчера некои во нашите средини не убедуваа дека е непомирлив непријател“.

– Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји.

Со Договорот што е потпишан денеска се создава шанса  и тоа е историска можност за засилена соработка, посилни економски врски и повисок раст и развој.

Според него, од изолација или самоизолација, ниту Македонија ниту Грција немале полза.

– Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината, рече премиерот Заев.

Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.

– Да се има став е Европски манир. Исто како што е eвропски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување…. Нашите држави имаат обврска да застанат позади еднаквоста меѓу нациите, човечкото достоинство и солидарноста. Европскиот концепт е цивилизациска вредност која е демократска и која се противи на манипулациите на популизмот и на стравот. Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Премиерот им се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, кому денеска му е роденден, кој посвети речиси три децении од својот живот во медијацијата на ова прашање.

– Изразуваме благодарност и кон Европската Унија, и кон нејзините претставници во текот на сите изминати години… Голема е поддршката која низ целиот период ја добивавме и од Соединетите Амеркинаски држави и од сите сојузници на НАТО.

– Присуството на почитуваната Висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, и на почитуваниот Комесар за проширување на ЕУ, господинот Јоханес Хан, денеска тука, на нашиот заеднички свечен, историски чин, ни потврдува дека тие остануваат покрај нас. Во сите наши идни, заеднички предизвици. Сакам посебно да им се заблагодарам и на шефовите на државите и на владите на нашите соседни земји. Нивното охрабрување и помош беа од пресудно значење во одредени моменти, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев.

Изјави, Зоран Заев, 17. јуни 2018 година по потпишувањето на договорот за решавање на името