Владата на Република Македонија се придружува во борбата против лажните вести

Сподели

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност во Владата на Република Македонија, Роберт Поповски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во Велес учествуваа на Форумот за јавни политики на тема „Справување со дезинформациите – комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“, во организација на USAID, Владата на Република Македонија, Општина Велес и граѓански организации.

„Видовме, не само деновиве туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување“, рече Поповски, додавајќи дека завчера, за време на насилните протести во Скопје но и во континуитет, како што рече, на социјалните мрежи се шират лажни и вознемирувачки вести вклучувајќи наводни жртви на полициска бруталност, за кои се користат стари фотографии од  личности од секаде по светот, лажни текстови и постови.

Говорејќи за поставеноста на Владата за справување со овие предизвици на дигиталното дезинформирање, Поповски го истакна повикот на Владата на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање, посебно акцентирајќи го претстојниот референдум за Договорот со Република Грција.

„Постојано дејствуваме против манипулациите и веруваме дека проактивното објавување на информации, отчетноста и транспарентноста придонесуваат за намалување на лажните вести и пропагандата“, нагласи министерот Поповски, кој повика и на постојана гласност во критиките од граѓаните, политичките или граѓански здруженија и медиумите, со цел да бидат слушнати и да влијаат на креирањето на владините политики, и подвлече дека владата ќе продолжи со активна и двонасочна комуникација со граѓаните на интернет и социјалните мрежи, за, како што подвлече, брзо пресретнување и спречување на лажните вести.

Тоа што изминатите неколку дена може да се прочита по социјалните мрежи и интернет порталите во Македонија, е уште една потврда за тоа колку проблемот со лажните вести е сериозен и треба посветено да работиме за справување со овој предизвик. Лажните вести во овој случај имаат за цел намерно извртување и манипулирање. На овој начин се поттикнуваат емоциите кај граѓаните и се манипулираат да верува во тоа што сака да го продаде страната која е нарачател на овие содржини и лажни вести“, истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во своето излагање на панел дискусија на Форумот.

Манчевски потенцираше дека тоа што Владата може да го направи во моментов е, преку редовно информирање и целосна транспарентност во работењето, како што рече тој,  „да се спротивставиме на дезинформациите кои поединци сакаат да ги наметнат во јавноста“.

Според него, овој тип на работење, Владата го темели на три основни столбови: демократизација на медиумскиот амбиент, активна транспарентност и зголемен пристап до информации.

„Во овој правец се и предлог измените во Законот за АВМУ. Измените во законот за АВМУ, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозможуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Владата цврсто стои зад овие заложби за демократизација на медиумскиот сектор и професионализација на регулаторните тела и во овој дел нема да има отстапки. Силната регулација на медиумите во основа не може да донесе голем бенефит, бидејќи многу лесно може да прерасне во цензура. Клучот е во новинарска фела, да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да се држат до овие стандарди“, нагласи министерот Манчевски.