Спогодбата е ратификувана – Џафери го испрати Договорот за потпис кај Иванов

Сподели

Собранието со 69 гласа „за“, без гласови „против“ и воздржани, го ратификуваше Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа седницата и не присуствуваа на гласањето.

Претседателот на Собранието Талат Џафери по усвојувањето на денешната седница го потпиша Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство.

Џафери го испрати Законот во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, кој треба да го потпише неговиот указ.

Претседателот Иванов има рок од седум дена да го потпише. Тој во изминатите денови соопшти, а денеска и повтори дека нема да го поддржи, ниту да го потпише договорот бидејќи, според него, е штетен.

Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.