Владата ги повика сите граѓански организации во земјава да се вклучат во мониторнигот на јавните набавки за да бидат целосно заштитени од можности за злоупотреби.
„Правиме уште еден сериозен чекор во отвореноста и транспарентноста кон граѓаните и сите оние кои имаат интерес да ги следат постапките и процедурите во насока на целосна контрола врз начинот на кој Владата ги троши парите на граѓаните“, рече министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски на денешната прес-конференција во Владата.
Министерот Поповски, истакна дека целта на Владата е процедурите за јавни набавки да бидат целосно заштитени од можностите од злоупотреби и со јавна контрола да се заштитат парите на граѓаните, објаснувајќи дека граѓанските организации ќе имаат можност да се вклучат во процесот од самиот почеток и во сите фази на одлучување и спроведување на постапката за јавна набавка до склучување на договорот со избраните понудувачи.
„Затоа денеска од овде, апелирам до сите граѓански организации во Република Македонија, да ја поддржат оваа наша заедничка акција. Да се вклучат, со нивните капацитети за да добиеме поуспешен и посеопфатен процес. Нема поважно нешто од правилното искористување на Буџетот и парите на граѓаните, доколку сакаме Македонија да се развива и да оди напред. Нашите вредни граѓани го заслужуваат тоа, и ништо помалку!“, рече Поповски додавајќи дека трите институции, Министерството за здравство, СОЗР и ЕЛЕМ, веќе имале контакти со граѓански организации.
Поповски посебно подвлече дека целта на Владата на РМ е овој процес да ги опфати и сите други институции, за кои граѓанскиот сектор кој има познавања и експертиза за оваа област ќе покаже интерес.