Од утре со почеток во 12 часот, Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи Скопје ќе почне со кампања и превентивни активности за реализација на проектот „Лето без пожари“.
Активностите ќе почнат на паркингот “Свети Пантелејмон“- Горно Нерези, на падините на Водно со почеток во 12,00 часот и ќе се реализираат на тој начин што полициски службеници по случаен избор ќе сопираат патнички моторни возила и на возачите ќе им укажуваат за ризиците од појава на пожар и штетите од евентуалната појава на истиот.
Активностите ќе продолжат во текот на летниот период со превентивно делување со цел намалување на пожарите предизвикани од невнимание од страна на граѓаните, преку подигање на свеста во однос на заштита и зачувување на зелените површини, како и подобрување на личната и севкупната безбедност на граѓаните.