МАНУ не го изгласа предлогот Рајнхард Прибе да биде член на Академијата

Сподели

Академици во МАНУ го предложија, но Собранието на оваа институција не го изгласа европскиот експерт Рајнхард Прибе за член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите, потврди за „Макфакс“ потпретседателот, академик Луан Старова.

На изборното собрание на МАНУ, кое се одржа на 6. јуни, бил поставен предлогот Прибе да биде прифатен за член на Академијата, надвор од работниот состав.

На гласањето предлогот не поминал.

Експертот за владеење на правото на Европската комисија, кој заедно со група колеги ги подготви извештаите за Македонија за итните реформски приоритети, според нашите извори, го предложиле дел од академиците.

Со ова место во МАНУ не се добива право на глас или, пак, некаков надоместок. Во краткото соопштение за седницата на 6. јуни за избор на дописни членови на Академијата пишува дека за дописен член на Академијата е избран проф. д-р Блажо Боев, за член на Академијата надвор од работниот состав е избран академик Владимир Костиќ, а за почесен член, Омер Калеши.