Денеска повторно ќе се гласа за Договорот со Грција

Сподели

Собранието денеска ќе одржи пленарна седница на која единствена точка на дневен ред е законот за ратификација на Договорот со Грција кој на 17. јуни во Преспа го потпишаа македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕиас.

Законот по втор пат се наоѓа пред пратениците откако претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише по првото гласање на 20 јуни кога беше изгласан со 69 гласа „за“.

Договорот денеска треба да биде изгласан со апсолутно мнозинство од вкупниот број на пратеници, а потоа тој повторно ќе биде доставен од претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Претходно Иванов рече дека нема да го потпише указот за овој закон затоа што смета дека е противуставен, а озаконувањето на договорот со Грција според него е кривично дело.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, минатата недела на брифинг со новинари рече дека непотпишувањето на овој закон и законот за јазици е лоша пракса за која Собранието мора да најде решение и да ја прекине.