Ратификуван Договорот со Грција

Сподели

Собранието со 69 гласа „за“, еден „воздржан“ и без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по втор пат го изгласа законот за ратификација на Договорот со Грција.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во образложението на Договорот се осврна на петте точки кои претседателот Ѓорге Иванов ги даде во своето писмо до Собранието како аргументи за непотпишување на законот.

– “Првата точка вели дека не може да се прифатат идеи и предлози кои што ќе го загрозат македонскиот идентитет и јазик. Ве уверувам дека ниту јас ниту било кој член на владата прифаќа такви идеи. Конечната спогодба е сосема спротивното. Таа не само што не ги загрозува туку ги реафирмира и ги зацврстува како никогаш до сега. Во пракса спогодбата ќе донесе етаблирање на нашиот идентитет и ќе ја надмине ситуацијата на несоодветно именување и на државата и на народот. Во точка два се цитира уставот, должни сме да бидеме искрени. Како што идентитетот не може да се брани компромитирајќи го, така и Уставот не може да се брани кршејќи го. Претседателот, според Уставот, е должен да го потпише законот” – рече Димитров.

Единствениот кој гласаше воздржано беше пратеникот од владејачката коалиција Ферид Мухиќ кој рече дека едногласноста е спротивна на демократијата и рече дека за ова судбоносно прашање ќе гласа според совеста и дека тоа му е загарантирано со Устав.