Дваесет и деветте лидери од Североатланскиот совет денеска, на првиот ден од дводневниот Самитот на НАТО во Брисел, ќе постигнат согласност да и испратат на Македонија покана за почеток на преговори за членство.
Ова го најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за време на вчерашната прес-конференција и додаде дека очекува по историскиот Договор со Грција за името, Македонија да добие покана за формално правно да и пристапи на Унијата откако целосно ќе ја имплементира спогодбата.
НАТО ќе го чека исходот од референдумот за Преспанскиот договор закажан за септември или октомври. Доколку тој биде успешен и Договорот прифатен од граѓаните на Македонија, НАТО ќе го чека завршувањето на целата процедура за ратификација на Договорот од сите 29 земји членки, по што Македонија ќе стане формално полноправна членка. До тогаш Македонија ќе може да учествува во сите постапки и да дискутира, но не ќе може да гласа.
Американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон вчера потврди дека САД сака да ја види Македонија како членка на Алијансата, но порача дека за тоа е неопходно граѓаните да го потврдат Договорот со Грција на референдум.
Во Брисел денеска пристигна македонскиот премиер Зоран Заев придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Премиерот ќе има обраќање на конференцијата „NATO-engages” што се одржува на маргините на Самитот, а потоа е поканет на вечерата на сите 55 лидери на земји членки и земји партнери кои учествуваат на Самитот.
Во текот на вториот ден од Самитот, во раните попладневни часови, е предвидена церемонија со која ќе се означи поканата за Македонија, а се очекува и заедничка прес-конференција на првиот човек на НАТО Столтенберг и премиерот Заев.