Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, како покровител на Петтата Светска средба на децата бегалци од Егејска Македонија, што деновиве се одржува во Скопје, во своето писмено обраќање до учесниците на свечениот собир, меѓудругото истакна:
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани деца бегалци и почитувани потомци на децата бегалци,
Македонки и Македонци од земјата и од целиот свет,
Примете најсрдечни и најискрени честитки за Петтата Светска средба.
Моето срце е со вас, и особено со вашите пораки: никогаш да не се заборави, но уште повеќе никогаш да на се повторат настаните кои оставија опустошени и напуштени домови, изгаснати огништа. Лични трауми, драми и судбини на разделени семејства.
Оваа средба е средба на минатото и на иднината и јас ве повикувам да се придружите и да бидете дел од исклучително важниот момент од современата историја на нашата Република Македонија. Ние денеска, сите заедно сме повикани на темелите од минатото да ја градиме иднината. Нашата иднина, иднината на нашите поколенија.
Република Македонија и Македонците се пред историски успех.
Остваривме договор со нашите соседи за иднината. Никој повеќе нема да спори: Ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик и тоа, конечно ќе го потврди цел свет.
Најважно од сѐ е да покажеме дека сме генерација која ќе се издигне над поделбите.
Ајде сите заедно да кажеме ДА за македонската иднина!
Зоран Заев, 20. Јули 2018 година по повод Петтата Светска средба на децата бегалци од Егејск Македонија.