Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров оствари средба со Јосип Јуратовиќ и Мартин Розман, пратеници во германскиот Бундестаг од редовите на политичката партија СПД и со претставници од Фондацијата Фридрих Еберт.
Министерот Димитров изрази благодарност за активната и исклучително значајна поддршка на СР Германија во изминативе месеци во насока на постигнатиот напредок на нашиот пат кон ЕУ и НАТО. Притоа изрази задоволство од важната улога што германскиот Бундестаг ја има во овој процес.
Германските пратеници Јуратовиќ и Розман го поздравија видливиот напредок на Македонија на планот на домашни реформи и во процесите на приближување кон ЕУ и НАТО, посебно акцентирајќи го постигнатиот Договор со Грција. Пратеникот Јуратовиќ потенцираше дека таа претставува “светла точка не само за двете земји, туку и за целиот Балкан и Европа и јасен пример за тоа дека две демократии можат да дојдат до договор и за најкомплицирани прашања, единствено преку отворен дијалог и политика на компромис.“ Јуратовиќ оцени дека овој успех претставува и поттик за сите демократски сили во Регионот и пошироко и дека официјален Берлин силно го поддржува и активно се залага за целосна имплементација на договорот.