Со новиот закон за изменување на Законот за спречување на корупцијата, кој од денеска е на јавна расправа, ќе се зајакне Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и поефикасна борба против корупцијата, соопшти министерката за правда Рената Дескоска, презентирајќи ги предложените измени.
Се предвидува во иднина и нотарите и извршителите да поднесуваат Анкетен лист до Антикорупциска и до Управата за јавни приходи и изјава за откажување од банкарска тајна.
Антикорупциска ќе биде составена од претседател и четири члена, а при нивниот избор ќе се врши интервју што ќе се пренесува на Собранискиот канал, во кое ќе учествуваат и претставници на граѓански и новинарски организации. Исто така, еднаш годишно ќе се врши контрола на имотната состојба на претседателот и членовите на комисијата.
Предлог-законот предвидува ДКСК да ја утврдува законитоста на финансирањето на политичките партии, а во случај на сомневање, по своја иницијатива да презема активности. Дополнително, ќе мора да донесува национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и акционен план и ќе треба да прави анализи за ризици.