Специјалното јавно обвинителство продолжува со истражните постапки против сите осомничени во петте случаи што ги отвори, соопшти денеска СЈО.
Поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на политичари и на нивни соработници, за дел од осомничените во овие случаи беа запрени постапките, а дел поради помилувањето не беа официјално осомничени.
СЈО поднело и предлог до Апелациониот суд Скопје да го укине решението на Основниот суд Скопје 1 и да продолжи кривичната постапка за случајот „Пуч“, во која меѓу осоомничените е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„По однос на истражните и предистражните постапки што се водат во ова јавно обвинителство, Ве известуваме дека тие продолжуваат, при што, зависно од фазата во која се наоѓа конкретниот кривичен предмет, ќе бидат преземени соодветни истражни и други дејства спрема сите лица за кои постои основано сомневање или основи на сомневање за сторено кривично дело“, стои во соопштението.
Оттаму информираат дека за случајот „Титаник“ истражната постапка продолжува против сите осомничени, меѓу кои и поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, кои беа на листата на 56 помилувани од Иванов.
„Во врска со предметот во јавноста познат како „Тортура“, Ве известуваме дека поднесени се предлози за определување мерка за претпазливост против шест лица поради постоење основано сомневање за сторено кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Во врска со предметот во јавноста познат како „Тврдина“, Ве известуваме дека е поднесен предлог за определување мерка притвор против едно лице, како и предлог за определување мерки за претпазливост против четири лица“, информираат од СЈО.
Првоосомничен во случајот „Тортура“, за апсењето на Љубе Бошкоски пред пет години, е поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, а еден од осомничените е актуелниот командир на полициската единица „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки.
Во случајот „Тврдина“, меѓу осомничените се Гордана Јанкулоска и началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски.
Специјалното јавно обвинителство, исто така, донело наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за случајот „Транспортер“, а поднесен е и предлог за определување мерка притвор против истото лице.
Иако во соопштението на СЈО не е експлицитно наведено, сепак лицето за кое е наредена истрага и е побарано да му биде одреден притвор, најверојатно е битолскиот градоначалник Владимир Талески.
„Во врска со предметот во јавноста познат како „ТНТ“, донесена е наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради постоење основано сомневање за сторени кривични дела од членот 353 од Кривичниот законик, а поднесени се и предлози за определување мерка за претпазливост против истите три лица. Во делот на видовите на мерки кои се предложени од страна на ова јавно обвинителство, до Основниот суд Скопје се поднесени соодветни предлози за определување мерки, кои за секој конкретен случај се различни“, стои во соопштението на СЈО.
Тројца осомничени во „ТНТ“, за кои СЈО претходно не отвори истражна постапка, поради аболицијата на Иванов, беа поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Груевски, Јанкулоска, Мијалков, Јанакиески, Заев од списокот на Иванов се преселија кај Јанева