Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Основен суд Скопје 1, со која напаѓачот на новинарската екипа на А1он, лани на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, Матија Каников, го осуди со шест месеци затвор.
Оваа пресуда на судијата Марија Клетничка-Марковска од Кривичниот суд е прва со која напаѓач на новинар е осуден на затворска казна и со тоа ја прекинува политиката не неказнивост за напади на новинари. Пресудата праќа јасна порака дека системот нема да толерира насилство врз новинарите и дека секој што ќе нападне во иднина ќе биде брзо откриен и изведен пред лицето на правдата.
Во исто време, пресудата ќе влијае позитивно и на зголемување на безбедноста на новинарите, која е основен предуслов за да можат тие слободно и без страв да ја вршат нивната новинарска професија во интерес на граѓаните. Со тоа системот покажува дека ги штити основните човекови права и слободи, како што е слободата на говорот.
Ваквата пресуда претставува и добар пример што треба да ја следат и другите судии, поефикасно да ги решат другите предмети за напади на новинари.
Го охрабруваме Основното Јавно Обвинителство да ги забрзаат истрагите за сите напади на новинари со цел насилниците да се изведат пред лицето на правдата.