Џабир Дерала: Важно е граѓаните да донесат информиран избор!

Сподели

ЦИВИЛ како организација е во постапка на акредитирање на референдумскиот процес. Според тоа без оглед на индивидуалните определби на луѓето кои се во јадрото на ЦИВИЛ, ние како организација имаме општ став кој се однесува само на исполнувањето на обврските на државата кон граѓанките и граѓаните. Односно, да им обезбеди услови за непречено гласање.

Ние како организација сме секогаш за тоа луѓето да ги искористат сите можности и сите права и да учествуваат во еден важен политички и општествен процес, а со тоа се подразбира дека ние како организација ќе повикуваме на гласање. Нема никому да му сугерираме како да гласа. Дали да гласа против или за, туку ќе ги охрабриме луѓето да го дадат својот глас. Значи да излезат да гласаат. Тоа е важно затоа што на тој начин се практикува демократијата. Демократијата не се само неколку функционери на власт, туку демократијата ја подразбираат сите граѓанки и граѓани на една земја и заради тоа сметаме дека тие треба масовно да излезат на гласање. Тоа е нешто за што ќе ги охрабруваме постојано, на терен.

Исто така, ние бараме од институциите да овозможат максимално почитување на човековото право на глас а со тоа да обезбедат услови, односно да ги санкционираат сите изрази на говор на омраза, сите обиди да се попречат луѓето да гласаат.

Очекуваме од медиумите да им помогнат на граѓанките и граѓаните да донесат информиран избор. А не да бидат мета на нивните политичко пропагандни дејства или мета на лажни вести. Што се однесува до оние содржини коишто се од пропаганден карактер, се разбира дека секој има право да спроведува кампања и да врши пропаганда, меѓутоа многу е важно тие да бидат јасно означени, да бидат јасно одвоени од информативната содржина. Информативната содржина треба да изобилува со информации кои се однесуваат на човековото право на глас. Информативните содржини исто така би требало да изобилуваат со информации за тоа кои би биле придобивките од оваа спогодба. Но, исто така, и со информации за тоа што таа спогодба точно значи.

Постојат извесни, би рекол, оправдани критики за тоа како е формулирано референдумското ека прашање. Иако тоа не е во целост манипулативно, меѓутоа стојат критиките дека може да биде донекаде нејасно, односно да има аспект кој ја заметнува трагата на вистинската цел. Сега е доцна да се зборува за тоа, но битно е сите грешки коишто до сега се направени да се исправат со чесна, видлива, јасна и едукативна активност на сите чинители кои се вклучени во овој процес, почнувајќи од Државната изборна комисија, завршувајќи со политичките партии, Владата, Европската Унија која се вклучи во кампањата и се разбира невладините организации.

Во домен на нашиот проект „Гласам, значи постојам!“, самиот наслов кажува дека ние ги повикуваме граѓанките и граѓаните да гласаат. А како ќе гласаат тоа зависи од нивната волја. Меѓутоа, исто така, многу остро ќе се спротиставиме на секоја тенденција граѓанките и граѓаните да се чувствуваат заплашени да излезат да гласаат или пак да бидат манипулирани со лажни вести и говор на омраза за да гласаат на овој или на оној начин.