Љубовна
Не те боледувам. Ми те здогледувам
Грска болештино в срцето вклештена,
Огнена грутко – до безумство вжештена,
Колку разгорена толку несторена!
Не те раскажувам, не те прекажувам,
Ако те кажувам сам се накажувам;
В очи те прелевам за да не жедува
Подолго погледот што те поседува.
Жено во жената – по испустената
Врвица животна си забележана,
Неоти горчина в крвта вдената,
Неоти изгора в душата врежана.
Жежи та дожежи, гори та догори
Огну што очиве ми ги избезуми –
Љубовта умее сешто да согори,
Колку и сите Етни и Везуви.
Огнот е церот твој болки што лекува,
Жено над жените, слушна ли: О с а н а!
Огнена стихо, огнено векувај,
Додека не станам трага пеплосана.