Мицкоски: Ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа “за” ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува

Сподели

Ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна, ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски на дебатната емисија на ТВ „21“, одговарајќи на прашањето дали ако референдумот биде успешен пратениците од партијата ќе ги поддржат уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Во однос на референдумот тој го повтори партискиот став дека секој треба самостојно да одлучи, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е за интеграција во ЕУ и НАТО, но е против Договорот со Грција. Притоа нагласи дека ставот на партијата ги обединува сите кои ќе се одлучат да гласаат против или ќе се одлучат да апстинираат на референдумот, бидејќи не се согласуваат со Договорот од Преспа.

„Ако ставот на високите претставници на меѓународната заедница е дека на референдумот граѓаните треба да гласаат (…) нашиот став е самите да решат како ќе постапат. Така што, математички да се изразам, сето ова што е кажано од страна на високите претставници на меѓународната заедница е подмножество на нашето множество, а нашето множество е широко и ги опфаќа сите граѓани во Република Македонија коишто на овој референдум ќе имаат било каква активност. Таа активност може да биде на начин на кој што ќе одлучат да апстинираат, или на начин на кој што ќе одлучат да излезат и да гласаат“, посочи Мицкоски.