Инцидентите забележани пред едно од гласачките места во странство ја нарушуваат слободата на граѓаните да го искористат своето право на глас, оцени денеска Граѓанската асоцијација МОСТ.
МОСТ го набљудува денешното гласање на болните и немоќни лица, на внатрешно раселените и лицата во затвор или притвор.
– Избирачкото право е гарантирано со Уставот на РМ и никој нема право истото да го повредува. Ги охрабруваме граѓаните во текот на утрешниот ден слободно да го искористат своето гласачко право, а надлежните институции да ги овозможат сите услови за тоа – апелира МОСТ.
Утрешното гласање ќе го следи со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, ќе бидат распоредени исто толку набљудувачи со што ќе се покријат 33 отсто од вкупниот број гласачки места во Македонија.
Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден.
МОСТ ќе распореди и мобилни тимови, составени од по два набљудувача кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат гласачките места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.
Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја следат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
– Во текот на денот, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, може да го сторат тоа преку бесплатната телефонска линија 080 080 080 – наведува МОСТ.