Собрание на РМ: Донесена одлуката за потреба од уставни измени

Сподели

Откако осумдесет пратеници, вклучувајќи и гласовите на пратениците на ВМРО –  ДПМНЕ гласаа за, а 39 пратеници гласаа против измените на Уставот, Собранието на Република Македонија го прифати предлогот на Владата за почнување постапка за уставни измени, согласно обврските преземени од Договорот со Грција потпишан пред неколку месеци во Преспа.

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ побара пратениците да се изјаснат поединечно, бидејќи технологијата можела да затаи. Спикерот Талат Џафери повика службите да го донесат списоците и да се премине на поеднично изјаснување.

Од опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ „за“ гласаа Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Сашо Василевски, Нора Исмаиловска Старова, Елизабета Канческа Милевска, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов.

Според Деловникот, следно е Владата да ги подготви уставните амандмани, кои треба да се гласаат во Комисијата за уставни прашања и Законодавно правната комисија. Потоа Собранието треба да отвори јавна дискусија, по што ќе се поднесуваат амандмани на уставните амандмани. По расправата и изјаснувањето за поднесените амандмани, Собранието треба уставните амандмани да ги изгласа со двотретинско мнозинство со што Уставот ќе биде конечно променет.

Оваа процедура се очекува да трае околу три месеци.