По завршувањето на реформата на системот на следењето на комуникациите, што од 1 ноември е ефективна, сега сме насочени кон реформата во безбедносно-разузнавачките служби и ова е еден дел од дебатата со стручната јавност што ќе ни помогне да го донесеме најдоброто решение, рече министерот Оливер Спасовски на денешната Научно-стручна расправа на тема „Реформи на Управата за безбедност и контразузнавање“ што се одржа во конференциската сала на Факултетот за безбедност во Скопје.
-Во регионот и пошироко има успешни примери на добро спроведена реформа на безбедносно-разузнавачките служби и нивниот пример треба да се следи, но мораме да го приспособиме на специфичностите на општествено-политичката карактеристики на нашата држава. Глобалните закани за безбедноста во светот се добро познати, но начинот на кој тие се реализираат и се закануваат на државите доаѓаат во различни облици, заради што е неопходен овој аналитички пристап. Изминатиов период Управата за безбедност и контраразузнавање се обидува да го врати својот углед на професионална и релевантна служба, углед кој беше сериозно нарушен. Но, очигледно е дека се неопходни структурни промени и унапредување на методите на работа на оваа служба. Не можете да бидете ефикасни во справувањето со глобалните безбедносни закани и ризици ако постојано не работите на унапредување на начинот и методите на работа. Формиравме меѓуресорска работна група која треба да понуди најсоодветен модел за реформа пред се на Управата за безбедност и контраразузнавање, но и реформа на Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, како и другите институции од оваа област- рече Спасовски.
И денешната дебата е во насока да се споделат размислувањата околу тоа кој модел е најсоодветен за имплементација во нашата држава и кои се предностите, а кои се недостатоците на кои треба да внимаваме со цел поефикасно да ги надминеме.
-Што јас очекувам од оваа реформа? Да понуди добар модел за создавање на ефикасен систем за заштита на националната безбедност. Да овозможи функционирање на службите согласно меѓународните стандарди и правила, притоа штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси. Да овозможи службите да дејствуваат ослободени од политички влијанија. Да се максимизира нивната ефикасност и да се воведат современи методи на работење, преку кои ќе се зголеми нивната превентивна улога во справувањето со современите безбедносни закани- рече Спасовски.