АЛТЕРНАТИВНА ДЕСНИЦА!? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Одлучил ѓаволот да го продаде сиот својот арсенал од неговото оружје. Во изложената колекција многу стари мечеви, бодилки, стрели и ножеви. Ама цените ептен високи. Но, најмногу внимание привлекувале едни златни стрели наречени „стрели за подметнување“. Иако од чисто злато, на нив било ставено ептен ниска цена – скоро за џабе. Никој не можел да разбере оти такво злато толку евтино! Сите исто прашувале! Најпосле ѓаволот морал да објасни: „Знаете, ако луѓето ми ги купуваат ваквите златни стрели, цената на овие другиве оружја драстично ќе порасне“.

Такви златни стрели, беа распродадени од ново-старото водство на партијата ВМРО. Помислија дека подоцна енормно ќе се покачи цената на камите и кубурите. На странците им велеа дека златото припаѓа само на народот, и дека ним како партија-народ тоа им е главен идеал. Стрелите ги расподадоа и партијата-народ очекуваше дека наскоро ќе следи брза и скапа продажба на камите и кубурите. Но, овие последниве некако тешко се продаваа со руски амблем. Многу молел Мицкоски, дури паднал на колена, се колнел дека оружјето иако е старо, многу е ефикасно за самоуништување. И дека ако ги лаже – нека го убијат, но одзивот на купувачи остана слаб. Николоски не му кажал дека сега е многушто сменето од пред сто години, оти сега и мнозинството вмровци кобурињата и камите ги имаат заменето со ајфони! А толку пати се има качено во авион за Брисел, додека Заев во својата Струмица „берел ќушки“! Во изминативе години во одреден момент материјалистите станаа побројни од идеалистите „и тоа за среќа е решено„ – вели Николоски. Сега остана Мицкоски со централите како идеален материјалист! Тука секој што поседува микрон интелигенција би се запрашал – а која е објективната одговорност на Николоски кој ја фалеше тогашната власт во Советот на Европа!? Сега тој ти бил ептен чист, а нечисти останаа само тие пред кои Николоски длабоко се поклони! Изгледа се дружи со совест што не гризе. Кога не може да се бори со ветерници, веројатно се сврти накај што дува ветерот.

Со месеци таквиот голем идеалист, го убедуваше својот шеф дека најатрактивен ќе испадне ако од авион се фрли без падобран. И така јадниот лидер скокна  пред неговиот заменик да му каже дека не е можен подобар пазар со Грците! Изгледа, неискусниот Мицкоски бил наместен не само кај воздушната пловидба, туку и кај водената пловидба. Го убедувале да го управува бродот кон опасни водопади, лажејќи ги патниците дека ги носи на рајските острови каде што има големо скриено богатсво. Башка, пловеле без компас. Кога од богатството ниту траг, почнала општа тепачка на бродот. А се случи и пожар во белиот двор! Николоски ги убедувал дека огинот најдобро се гаси со бензин.

Сега постојното вмровско водство се соочува со сериозна внатрешна алтернативна опција која ќе има голема поддршка од Запад. Досегашната нивна антизападна политика не значи само сечење на гранката на која се седнати, туку и сечење на целото стебло полно со луѓе качени по плодови. Перфидно ја изминираа референдумската излезеност, ама самите останаа заробени на сред минско поле. Кој готви отров, првин самиот се труе. Таква лудничава политика имала за цел пазарење за спасот на минатото водство, без грижа за можниот општ хаос во државата! Спасуваа идентитет од никого загозен. А цел свет нѐ убедуваше дека ова е максимумот што може да се постигне во спорот. Но тие мафтаа со „каптуланткиот договор“ поради кој самите капитулираа. Џабе толку летови за Брисел кога и на најмал ветар авионот му се сруши. Малце фалеше таквите чудни пилоти да ја фрлат државата во амбис. Со месеци ги предупредувавме дека ќе им се случи раскол и распад на партијата, ама тие летаа па летаа високо додека не треснаа. Сега е можно да се формира алтернативна десница и кој знае кој им е националниот интерес, и ќе може ли да настапи пред западњачката професионална публика, за разлика од постојните кои не се дораснати за настап ниту пред тотални аматери.

А молчеа, додека цели 11 години беа предводени со ритуални мрачни сили кои мрачно управуваа со човечкиот ум, правејќи грдите дела да се доживуваат како убави. Молчеа додека луѓето морале со „своја воља“ да принесуваат жртва пред демонот Милоха и да викаат гласно дека Сатаната е тој што прави добри дела, а Господ лоши. Дека ѓаволот носи правда, чесност, вистина и љубов, а Господ – лага, неправда, нечесност и општа лошотија. Се случија егзодуси, понижувања, покорувања, грабежи, ама бројни луѓе веруваа дека гордоста барем не ја дале, а никој ниту им ја барал! И дури сега лидерите идеалисти увидоа дека зад убавата златна патриотска маска се криеше страшното и грдо лице на Луцифер!!! Ама ако тогаш биле среќни незаслужено, сега ќе станат несреќни ептен заслужено.

Таква суицидна ВМРО, на СДСМ му доаѓа како кец на десетка за предвремени избори. Сегашното ВМРО ќе се преполови. Не се пропушта таквото вкусно јадење сервирано од вмровските готвачи. Заев видно би зајакнал и лесно би се ослободил од тие што не се ефикасни во задачите. А и владата би се здобила со нова кондиција за реформи. И ќе мора да се фокусира во сеопшт развој кој очигледно уште не се гледа добро. Тоа никакви роустинги не можат да го сокријат, оти со хумор можат да се полнат срцата, ама не и стомаците.

А сите ние треба да сфатиме дека не се бара рајот во среде пеколот!