Заев: Преку повеќе механизми на поддршка тежнееме да ја вратиме средната класа

Сподели

Одговори на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, на прашања од медиуми на прес конференцијата по потпишувањето на договорите за нови инвестиции во преносната мрежа со која управува АД МЕПСО, 6.11.2018

Најавата на Владата, дека ќе се воведе прогресивниот данок, на нозе ја крена бизнис заедницата. Велат дека, наместо да се реши сивата економија, ќе се уништи средната класа. Што ќе им одговорите на бизнисмените? Какви се размислувањата во Владата, по ваквите реакции?

Заев: Знаете дека дебатата е отворена, буквално од самото доаѓање на оваа нова Влада, се работи за левичарска Влада, Социјалдемократска доминантна Влада, којашто сака да зборува за фер и праведни односи во државата. Ова, е една мерка, за којашто се дебатираше долг период. И, мене ми е многу логично, да тие што имаат поголеми приходи, сега одреден дел реагираат. Но, реалноста кажува дека ако сакаме да градиме фер и праведно општество, редот е, тие што имаат повеќе, да платат повеќе, тие што имаат помалку, да добијат низ институциите на системот повеќе. Затоа што, само на тоа, и низ вакви механизми, ќе тежнееме кон враќање на средната класа, којашто за жал е изгубена во Македонија и во целиот регион. Преку ваквите социјални аспекти, коишто државата ги канализира, преку тренинзите, можностите за вработување на невработените пред сè, млади луѓе, преку подигањето на платите во одредени јавни сектори, коишто се важни за сите граѓани. Како што е на пример, здравството или образованието, овозможуваме навистина да имаме фер и праведно општество. Уште еднаш напоменувам, имаме работно-активни или приматели на приход меѓу 900.000 и милион граѓани. Се работи за еден процент на граѓаните. Околу 9.000 граѓани, ќе потпаднат под новиот праведен данок. Тоа, значи дека секој, којшто има приход месечен, над 90.000 денари, за тоа што е над 90.000 денари ќе треба прв пат да плати 8 проценти. Односно, ако има нето приход од 100.000 денари, за 10.000 денари треба да плати 8 проценти или 800 денари.

Дај боже, сите да имаме во државата, приход поголем од 90.000 денари. Мојот приход е 87.000 денари, тоа е платата на Премиерот. Зборуваме за приход над премиерската плата, над претседателската плата, веројатно во државата, над пратеничката плата и.т.н. Реално, се акумулираат некои средства од 25 милиони евра, но преку 33,34, милиони евра, враќаме пари за зголемување на 300 проценти на социјалната помош во државата. Да не зборуваме дека, по 400 пати се зголемува грижата за децата во државата, од следната година, од 1 јануари. Да не зборуваме, дека треба да има мотивирани и медицински сестри и специјалисти и лекари во државата. Да не зборуваме, дека треба да продолжиме да ги спроведуваме реформите, а истовремено да не зборуваме дека прв пат, во милионски суми на евра, преку 30, преку 40 милиони евра, враќаме пари назад, кон деловната заедница, преку поддршка на инвестициите, без разлика дали се домашни или странски. Еве, само за домашни, преку 30 милиони евра, преку разни канали, се канализираат директни поддршки. Така да, верувам дека сите, длабоко во душата знаеме дека ќе биде поквалитетно ова наше општество, оваа наша земја, ако навистина бидеме солидарни. А, солидарноста ја прават токму тие што имаат повеќе, коишто повеќе допираат до националниот доход и богатство, коишто имаат разработени бизниси. Наша тенденција е, да ги подржиме, да растат, но редот е да враќаме, за да можат и посиромашните граѓани да добијат повеќе, во Република Македонија. Од тој аспект, навистина, знаете дека дебатата беше отворена, определба на Владата беше, прагот да биде над илјада евра, слушавме внимателно, постапивме, измеривме и видовме дека таа дебата има основи. Имаме млади луѓе, како на пример информатичари, архитекти, градежници, кои земаат плата над илјада евра, ќе ги демотивиравме. Но, тие за жал сè уште не земаат над 90.000 денари. Дај боже, во иднина да земаат над 90.000 денари. Да ја отвориме таа спирала до крај, за да се покачат платите. Навистина, се работи за праг, многу внимателно одмерен. Ние, ќе ја слушаме дебатата таа е отворена. Знаете, дека во тек се постапки, сами ја отворивме таа дебата, но како левичар, како социјалдемократ, којшто исто така доаѓа од деловната заедница, ги знам и двата аспекти на медалјата и можам да кажам дека оваа мерка е исклучително добра, фер и праведна, којашто ќе гарантира фер и праведно општество за сите во нашата Македонија.

Премиере, бидејќи од бизнис заедницата реакциите се толку силни дали има простор да отстапите како и досега, во повеќе наврати, да ги прифатите нивните барања? Имаше реакции исто дека бизнис крилото во Владата влијаеше да се подигне таа граница од 60 на 90 илјади денари и дали имаше такви влијанија, зошто отстапивте од првичната замисла, зошто обвинувањата се дека не е суштинска реформата туку се работи само за шминка?

Заев: Од една страна велиме сериозни реакции има, што значи има суштина внатре. Некои го има погодено и веројатно со право, затоа што над 90 илјади денари треба да плати плус 8%. Секако дека имаше влијание и застапниците на бизнис коморите овде во Владата, тоа е потпретседателот Анѓушев, тој е активен чинител во оваа Влада, но секако тој тоа го номинираше ние слушавме. Ги слушавме коморите, често сме на состаноци со нив, често спроведуваме мал милион мерки, механизми, оперативни акции и слично, зошто? Поради севкупниот труст во државата, како на доходот кај граѓаните, така и севкупниот бруто продукт во Република Македонија. Затоа реков дека внимателно слушавме и денеска мора да признаат сите дека знаеме да правиме отстапки. Просечната плата во Република Македонија е некои 24.000 денари, тоа се неполни 400 евра. Имајќи го тоа предвид како определба од 1.000 евра на прагот на воведувањето на праведното оданочување овозможивме да навистина бидеме внимателни и суштината на аргументите на тие што реагираа ја сфатиме. Бизнис заедницата има достапност до јавноста, до медиумите и сѐ, може да реагира, што да кажат сиромашните граѓани? Како тие да реагираат? Како тие да очекуваат да државата нивна изнајде начин, изнедри механизми внатре за да дополнително им помогне. Верувајте ќе се врати тоа на деловната заедница. Ако ја зголемиме социјалната помош, ако пораснат платите, ако навистина преку сите овие механизми ќе видите како ќе се објават до крајот на годината, со старт од 1 јануари 2019 година, на крајот на денот ја зголемува потрошувачката моќ, а потрошувачката моќ се канализира нај повеќе кај домашните продукти на домашните компании, коишто ги работат како производи или како услуги. Се е еден врзан синџир во самиот систем, но ќе имаме дефинитивно на ваков начин, праведно општество. Ви кажавме дека калкулациите стартни, коишто се провизорни калкулации коишто ги имаме значат 25 милиони евра. Значи толку е приходот којшто ќе се наполни во делот на Буџетот, но кажувам само една нова ставка а ќе најавиме многу од 1 јануари. Само порастот на социјалната помош од 300% просек е 2 милијарди и 200 милиони денари повеќе пари за социјално најзагрозените лица во државата. Тоа значи ако не е 40 милиони, 36 милиони евра отприлика. Знаете дека имаме огромни заштеди поради транспарентноста, знаете дека поради растот на економијата имаме и дополнителни приходи. Сето ова овозможува да градиме фер и праведно општество.

Дали е можно да отстапите?

Заев: Не, јас мислам дека отстапивме. Ние ја направивме нашата отстапка. Од 1.000 евра отстапивме на 1.500 евра. Имаше дебата, има многу земји што имаат 3 стапки, еве ги измеривме моделите, видовме каде во кои земји какви резултати даваат, притоа тие земји да бидат слични по структура како Република Македонија, и ние ја направивме отстапката. Јас апелирам сите да имаме разбирање и да покажеме солидарност на дело.