Знаењето, по правило, ги ослободува луѓето од непотребните стравови и слепата покорност, па, можеби затоа, умниот Френсис Бекон констатирал дека „знаењето е моќ!“ Кај нас во ова портокалово невреме, ова правило не важи, оти знаењето е заменето со угодување! Кај нас знаењето пелтечи, луѓето се плашат од него, тоа е извор на проблеми, тоа е алатка за да се влезе во кавга со портокаловите фашисти. Кај нас проаѓа само – угодувањето. Да ѝ се угодува на власта, да ѝ се угодува до бесконечност, а вистината да се заобиколува – ете ја сета филозофија на нашите богато финансиски обезбедени портокалови „интелектуалци“ и дрдорковци, распослани низ државните, високообразовните и културните институции.
Во овие десет години многу празноглави типови се самопрогласија за „интелектуалци“, а всушност беа и се само обични ситни криминалци или полициски денунцијанти. Многумина вистински писатели се претворија во полтрони, многумина историчари во национално деформирани врховистички слуги, многумина правици и судии во апологети на неправдата, многумина академици во безгласни пензионери… Многумина без мозок и без никаков морален интегритет, портокаловите медиуми под превезот на „аналитичари“ или „стручњаци“, ги извишија до „интелектуални авторитети“ од висока класа. Мисловниот простор беше толку загаден со најразлично „интелектуално“ ѓубре, што ниедна интелектуална патека не постоеше на која човек можеше слободно да мисли и слободно да говори. До пред скоро време, на ниедна интелектуална пруга не можеше некој да го спомене во негативен контекст Големиот Брат, или Големиот Братучед, или некој од останатите субвенционирани Великомакедонци, а заради тоа да не излета од шините, да не биде изложен на медијска хајка по неговиот интелектуален или физички интегритет. Затоа само малкумина се одважуваа на таквиот храбар ôд, на таков храбар, но неизвесен пат, а повеќето талкаа низ мракот во погрешна насока и молчеа пред глупоста и злото.
Истовремено додека некои страдаа и се бореа, од нашата пијана „интелектуална“ биртија одекнуваше „патриотската“ песна на портокаловите демагози и нивните субвенционирани музиканти, пејачки, актери, писатели, уметници, ороводци, архитекти, режисери… Таа десничарско-фашизоидна „интелектуална“ толпа со својот ефтин дух и жална, перверзна и сиромашна фантазија, го прогласи псевдоуметничкиот кич, познат под генеричкото име „Скопје 2014“, кој насилно беше граден и беше преплатен од државната каса, за врвно македонско национално достигнување и богатство. Целиот овој примитивен и заостанат демарш против естетиката, кој со државни дотации и субвенции, се практикуваше во сите области од уметноста, не само што произведуваше лаги и фалсификати за македонското минато и македонскиот идентитет, туку беше и ставање на една гнасна и грда маска врз волшебно убавото лице од македонската културна оставнина и опасно сквернавење на трајните национално-уметнички вредности.
За сето тоа десетогодишно невреме, знаењето кај нас молчеше, оти во тој неверојатен фашизоиден амалгам од полувистини и лаги, во таа мешавина од паганско-античка космогонија во која „Аце Големиот“ стана врховен македонски историски бог, во таа прашума од православно-христијански симболи и празноверија, во таа национално-первертирана иконографија со која врховистичко-бугарашките херои Тодор и Ванчо од Штип се прогласени за поважни и позначјни од Гоце од Кукуш и Крсте од Постол, навистина беше тешко и ризично да се зборува и пишува. Така голем дел од современата генерација на интелектуалци, или се удави во портокаловото море од националистички и антимакедонски лаги и глупости, или колаборираше со портокаловата власт и ги уживаше сите можни бенефиции, со што морално се деградираше. На таков „празен простор“ со полтронско лигавење на скалилото на ученоста се искачија празноглавци и глупаци, односно луѓе без никаква автономна мисла. И токму таквите, цели десет години, бесрамно проповедаа самоизолација од остатокот на светот и колективно национално самоубиство за одбрана на портокаловиот криминал. И нормално, го убија вистинското знаење, а го востоличија полтронството како пат до успехот. Затоа, што и да се случи, многу тешко ќе ни биде фаќањето приклучок со нормалните и развиените земји во светот!