Веднаш штом Судот го донесе решението за меѓународна потерница, МВР ја распиша и го извести Интерпол, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Како што објасни, нема никакви пречки осудениот Никола Груевски да биде екстрадиран од Унгарија.
„Ние како држави немаме потпишано билатерален договор за екстрадиција меѓу Унгарија и Македонија, меѓутоа на сила е Европската конвенција за екстрадиција и врз основа на членот 16 од таа конвенција, ние и до сега со сите држави кои ја имаат потпишано оваа конвенција можеме да вршиме екстрадиција на лица. Нема никакви пречки да биде направена екстрадицијата. Министерството за правда ќе си покрене постапка за екстрадиција до унгарските власти. Сметам дека е исправно да се одбие барањето за азил и Груевски да биде екстрадиран во Македонија да ја издржува казната“, рече Спасовски.
Што се однесува до тврдењето на Груевски во статусот објавен на Фејсбук дека заминал од Македонија поради сериозни закани кои ги добивал во последните денови, Спасовски информираше дека во ниту еден момент Никола Груевски не пријавил закани во полиција.
Министерот Спасовски потенцираше дека неодредувањето на мерка притвор од судот му овозможило на Никола Груевски да ја напушти државата.
„Не само за оваа постапка „Тенк“,се водат и други постапки и против Никола Груевски и против други лица. Тука е клучно прашањето за определувањето на мерките на обезбедување од страна на судот на барање на јавното обвинителство. За дел од случаите е побарана мерка притвор. Судот ја носи одлуката и цени. Ако Груевски беше во притвор, немаше да се случи ова што се случи сега. Сметам дека сериозно внимание мора да посветат и обвинителството и судот во рамките на овие процеси. Ако денеска Груевски имаше мерка за обезбедување, гаранција за неговиот имот, целиот неговиот имот, а гледате дека е огромен, ќе беше имот на Република Македонија“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски потенцира дека од петокот 9 ноември до понеделник 12 ноември до 16.30 часот МВР не добило наредба од судот за распишување на потерница односно за спроведување на Груевски.
Спасовски ги демантира и невистините изнесени од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за наводно следење на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најодговорно тврдам пред целата македонска јавност дека од 1 јуни 2017 година до ден денешен апсолутно нема незаконско следење во Република Македонија“, рече Спасовски.
Како што кажа Спасовски, обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ се неприфатливи.
Спасовски му предложи на јавното обвинителство да го испита овој случај и да се утврди одговорност за овој случај.
„Сите задачи кои биле побарани од нас, сè што било побарано од нас, било исполнето. Факт е дека Груевски не ја напуштил Македонија во понеделникот по 16.30 часот, а ние имаме надлежност од тогаш. Ние како МВР направивме сè што е дозволено. Улогата на полицијата во едно демократско општество е да работи врз основа на строго предвидени правила и норми. Се друго е авторитарно делување. Македонија не е авторитарна, туку демократска држава. Македонската полиција мора да постапува врз основа на закон. Апсолутно ги поддржувам граѓаните во нивниот став дека мора да има одговорност. Јас не чувствувам одговорност затоа што нема ништо што е побарано од МВР да не е спроведено. Не можам да чувствувам одговорност за Никола Бошковски и Горан Грујовски да се одреди мерка притвор, па после тоа да ги пуштите дома, да им се овозможи да заминат . Или да го пуштите Никола Груевски, да не му одредите мерка притвор, а знаете дека се водат десетина предмети против него, дека тоа се огромни суми на пари за кои се гони. Сè што е побарано од нас е спроведено. Еве една идеја да дадеме. Зошто обвинителот не отвори истрага, па да видиме како се случило тоа бегство. Само така ние можеме да застанеме на патот на една ваква ситуација. Ова е случај што треба да биде истражен“, рече Спасовски.