DW: Случај Груевски – Орбан ѝ покажа среден прст на ЕУ

Сподели

 

Онака како што Груевски го криеше својот грабеж зад лажните антички столбови, така и Орбан ја штити својата олигархиска економија со тврдење дека таа им служи на националните интереси, пишува печатот на германски јазик.

Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг во денешното издание предупредува дека давањето азил на експремиерот Груевски од страна на Унгарија е шамар за ЕУ, но и за Швајцарија која исто така долги години се залага за владеење на правото во Македонија.

„Да се добие азил во Унгарија е всушност невозможно. Стапката на успешност е три проценти, а барателите за тоа чекаат со години во транзитните зони. Тоа е речиси безнадежен обид – освен ако оној што помага не се вика Виктор Орбан. Во таков случај шансите се зголемуваат на 100 проценти, а постапката трае една недела. Поранешниот македонски премиер Никола Груевски кој е правосилно осуден на двегодишна затворска казна поради корупција го знае тоа: тој му е пријател на Виктор Орбан. Унгарските дипломати го развезуваа низ балканската рута преку три држави и четири граници до Будимпешта. Во понеделникот тој таму доби статус на бегалец. Аферата е многу повеќе од пријателска услуга од Орбан за еден криминален духовен брат. Тоа е една дрска провокација на адресата на ЕУ и на сите земји- меѓу нив и Швајцарија- кои со години се залагаат за владеење на правото во Македонија“, констатира НЦЦ.

„Орбан молчи за причините поради кои неговиот пријател смее да остане во Унгарија. Но неговиот гласноговорник, весникот „Маѓар Идок“, дава сугестии. Во Македонија, пишува весникот, на власт е влада која свесно ја запоставува одбраната на националниот и културниот идентитет. И зад неа стои ‘некој’ кој сака да создаде ‘хибридна Македонија’. Искусниот унгарски читател треба да се сети дека се работи за Сорос, големиот манипулатор. Намерата на Орбан е јасна: криминалниот случај на Груевски зад кулисите треба да се претвори во наводна културна битка. Но тука не се работи за вредности или за иднината на христијанството. Онака како што Груевски го криеше својот грабеж зад лажните антички столбови, така и Орбан ја штити својата олигархиска економија со тврдење дека таа им служи на националните интереси. Со азилот за еден криминален политичар Орбан ги турка своите провокации еден чекор натаму. Но, тоа е веќе еден чекор премногу. Европската Комисија и земјите-членки конечно мораат тоа без заобиколување да му го објаснат. Европската народна партија мора веднаш да реагира: Орбановата Фидес конечно го загуби своето место таму“, пишува НЦЦ.

Кралот Орбан

Весникот Велт се прашува кој е мотивот на Орбан да го заштитува бегалецот Груевски?

„Официјално (унгарската, н.з.) владата немала ништо со бегството на Груевски. Но никој ни во Унгарија не верува дека Груевски на своја рака и без конкретна надеж во успех си ја пробал среќата. Но, доколку Орбан се вмешал во играта, зошто го заштитува Македонецот?“

„Во минатото Орбан често му помагаше на Груевски, па дури и за него се вмешуваше во изборните кампањи во Македонија. Бизнисмени од опкружувањето на Орбан му помагаат на Груевски да си изгради мрежа на десно-популистички медиуми. Но сега, откако е правосилно осуден, Груевски е токсичен. Да се заштитува Груевски во овој момент носи само загуба и никаква корист, – пренесува Дојче веле..

Едно можно објаснување е долгорочната стратегија на Орбан на Балканот. ‘Тој размислува како поранешните унгарски кралеви, кои во Балканот гледаа сфера на интерес’, вели еден аналитичар. ‘Тој гради долгорочни позиции и мрежи, а еден елемент е и пораката дека во тешки времиња можат да се потпрат на него’.

Досега, аферата Груевски го чинеше Орбан политички капитал на Западот. САД веќе побараа Груевски да биде екстрадиран на македонското правосудство. Но, на Балканот некои политичари- во Србија и Бугарија, меѓудругите- со внимание ќе регистрираат дека можат да се потпрат на Орбан“, пишува Велт.