Во тек е онлајн петицијата “Производство на ГМО во Македонија – НЕ”, со која се бара да се стопираат законските измени кои би овозможиле производство на ГМО храна во Македонија.
Петицијата е покрената од иницијативата „Коалиција Против ГМО“, сѐ со цел да се соберат 10 илјади потписи за поддршка на нивното барање.
„Агенцијата за Храна и Ветерина има доставено предлог законска измена на моменталниот закон за безбедност на храна (кој НЕ дозволува локално производство на гмо) со цел во 2019 во Македонија да почне да се произведува и конзумира ГМО. Oправдувањето дека се стандардизираме според Европската Унија е неиздржано. Според ЕУ, секоја (сегашна или идна) членка самата избира дали сака кај неа да се произведува ГМО“, наведуваат од Коалицијата во петицијата.
“Конзумацијата на ГМО храна не смее да се дозволи бидејќи претставува ризик врз биодиверзитетот и земјоделците и ќе наштети на културата на локалната храна, а дополнително проблематична, според нив, е и бизнис контролата врз ГМО семињата, како и слабата информираност за здравјето и сигурноста од ГМО храната.”