Град Скопје со низа мерки против загадувањето на воздухот

Сподели

 

На денешната седница Советот на Град Скопје ќе решава за Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите  што ги извршува ЈП „Градски паркинг“, односно за измена на цената за час паркирање на јавните површини и на паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ во денови кога ќе бидат прогласени вонредни мерки поради надминување на праговите на алармирање на ПМ10 честички.

Со измената на оваа одлука, Градоначалникот на Град Скопје по прогласување вонредни и интервентни мерки во одредени денови поради загадувањето на воздухот, има можност да даде предлог, на одредени паркиралишта, цената за паркирање двојно да се зголеми само во тие денови. Во случај на енормно загадување на воздухот, ова би се применило во централното градско подрачје, како би се стимулирале граѓаните кои патуваат во овој дел од градот, да користат јавен превоз, сѐ со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот.

Исто така, со измените на оваа одлука се предвидува и поскапување на паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно поскапување на месечната претплата за паркирање од 300 на 800 денари.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на Град Скопје, со која ќе се воведе дополнителна тарифа за наплата на такси превозот на патници согласно со последните измени во Законот за измени и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај.

На денешната седница Советот ќе решава и за Одлуките за примање донации за вело-паркинг, ЗД мапа на град Скопје, како и за примање грант од Светска банка наменет за набавка на 10 електрични возила за миење/чистење на улици.

На дневен ред за усвојување се и голем број регулациски планови на Генералниот урбанистички план, како и измените и дополнување на програмата за субвенционирање на граѓаните за чистење оџаци за 2018 година, со која се продолжува рокот за пријавување за субвенции за чистење оџак, – стои во соопштението на Град Скопје.