Комисијата за спроведување на постапката за избор за универзален снабдувач со електрична енергија, констатираше дека има доставено две понуди, првата од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување и втора понуда од ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ, при што е утврдено дека двете понуди се доставени во согласност со тендерската документација и го исполнија првичниот услов да бидат отворени.
Во согласност со тендерската документација беа прочитани следните елементи на понудите, понудена бруто маржа и доставена банкарска гаранција. По отворањето на двете понуди Претседателот на Комисијата констатираше дека и во двете понуди е доставена валидна оригинална банкарска гаранција, додека понудената бруто маржа наведена во понуда доставена од група на понудувачи составена од ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електро снабдување е 14,4%, додека понудената бруто маржа наведена во понудата на ЕЛЕМ Трејд ДООЕЛ е 14,9%.
Комисијата изјави дека посветено ќе се работи пред крајниот рок да биде завршена евалуацијата и да се заокружи процесот на избор на универзален снабдувач.