Заев и Ципрас и официјално номинирани за Нобелова награда за мир

Сподели

Номинацијата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас кои се номинирани за Нобелова награда за мир за 2019 година за Договорот од Преспа, со кој се надминува дводеценискиот спор за името, денеска во Скопје ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.

Церемонијата се одржа на Универзитетот ФОН.

Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, да преговараат и да постигнат договор.

– “Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и за Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека се може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен” – изјави Бушамауи.

На церемонијата присуствуваше и европратеникот Стелиос Колуглу од редовите на грчката партија Сириза, кој дава поддршка за номинацијата на Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир.

– “Договорот од Преспа е договор што го решава долгогодишниот проблем, не само за името, туку и обезбедува дефинитивно решение на македонското прашање. Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа договор за кој што требаше храброст и кој ги стави националните интереси над партиските. Договорот го должиме на претходните генерации, но и на нашите деца и следните генерации кои мора да живеат во мир и просперитет”– рече Кулуглу.

Тој посочи дека Договорот имал голем број противници од двете страни, но дека е нелогично, тоа што и двајцата премиери истоврмено се соочуваат со обвиненија од своите противници дека ги предале националните интереси.

По церемонијата во Скопје, Бушамауи и Кулоглу на 19 декември, заминуваат во Атина, каде што ќе се сретнат и со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за официјално да му ја соопштат номинацијата.