Измени во Законот за учебници – авторските права ќе се вратат на издавачките куќи

Сподели

Авторските права за учебниците, нема повеќе да му припаѓаат на Министерството за образование и наука (МОН), туку тие ќе се вратат на издавачките куќи, како што беше во минатото. Тоа ќе придонесе да се избегнат многу сложени процедури кои досега одеа преку Министерството во процесот на подготовка и испорака на учебници, сметаат во Педагошката служба при МОН.

– Министерството нема да ја игра повеќе улогата на издавач. На тој начин ќе се разрешат повеќе проблеми. Обврска на издавачките куќи ќе биде изборот на автори кои ќе пишуваат учебници, тие ќе ја одредат висината на авторскиот хонорар, тие ќе се грижат за ангажирање лектори, рецензенти, илустратори. Секако, правилата ќе си важат, учебници ќе се прават согласно планот изготвен од надлежна институција. Ние ќе бидеме одобрувачи – вели Вања Велева, директорка на Педагошката служба при Министерството за образование и наука.

Ако се вратат авторските права на издавачите, постапката за избор на учебник ќе се упрости, односно ќе се избегнат процедури со јавни набавки кои сега го кочат процесот со подготовка и дистрибуција.