Евроинтеграцискиот процес со претпазлив оптимизам

Сподели

Нема причина да не бидеме оптимисти, но претпазливи оптимисти. Ова се очекувањата за годинава во поглед на евроинтеграциите на Драган Тилев, државен советник за европски прашања и шеф на кабинетот на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.

– Од една страна продоложуваме со процесот на имплементација на Преспанскиот договор, со уверување дека и Грција ќе го реализира својот дел, и продолжуваме со реформите во клучните области од Планот 18, што во комбинација за нас би значело брзо членство во НАТО и одлука за почеток на пристапните преговори во јуни, односно официјален почеток до крајот на 2019 година. Во меѓувреме продолжуваме со читањето на европското закондавство во сите останати поглавја во текот на 2019 година, и интензивно се подготвуваме за следната фаза од процесот, односно за т.н билатерален скрининг, кога нашите институции ќе реферираат во Брисел за нивото на нашата усогласеност со европското законодавство во сите поглавја.

Тој оценува дека ова е реално сценарио, но не би било сериозно доколку не ги земеме предвид и ефектите од Брегзит во март и изборите за Европскиот парламент во мај наредната година, како и преговорите за Новата финансиска перспектива 2021-2027 (Буџетот на ЕУ), изборот на новиот Претседател на ЕК и составот на новата Комисија.

– Предизвици имало и ќе има и натаму, но најважно е да се фокусираме на нашите цели и на домашните реформи, бидејќи сепак, реформите ги спроведуваме пред се за нас самите – заклучува Државниот советник за европски прашања за МИА.

Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ.

Македонија во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекна со статус земја кандидат.

Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја доби првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш наваму девет пати по ред, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини досега тоа не се случи.

Препораките на Комисијата во 2015 и 2016 година беа условени препораки – условени со Пржинскиот договор, имплементацијата на итните реформски приоритети и спроведување коректни избори.

Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Европскиот совет на 26 јуни лани ја поддржа одлуката за условно отворање на преговорите со Македонија, што треба да почнат во јуни годинава. Тоа ќе зависи од исполнување четири услови – спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ.

Доколку се исполнат условите, првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на годинава – пренесува МИА.