ДЕНЕС: Албумот “OVERDOSE од BLUES” е снимен 2015 година. Како се чини, после година и половина допрва доаѓа неговото време и песните се` повеќе добиваат на тежина. Музиката, како што имаш еднаш изјавено, е за сладокусци, но мора да се признае дека текстовите од песните имаат се` појасна смисла и значење. Тука се наоѓа секој човек во денешното живеење, со свои чувства, мисли, стравови и очекувања. Сега би требало да се постави и прашањето: колку ти очекуваше од албумот, но ќе го преформулирам прашањето и ќе прашам: албумот дали го доби во целост Гуру Харе?
Игор Атанасоски – Харе: Една година од објавувањето, мислам дека не е доволнен временски период за да го видиме вистинскиот ефект. Како што кажав и на промоцијата,”Overdose од blues” е албум работен во духот на она време во кое популарната музика носеше порака,и на некој начин не` воспитуваше. Денес живееме во време на корпоративно – чопоративен капитализам и пара – патриотизам. Се промовираат некои други вредности и затоа некои други музички форми и жанрови подобро го артикулираат вкусот на народот и со тоа се популарни. Во време на инстант ѕвезди и имитатори тоа што Гуру Харе го создава, делува како да не припаѓа овде и сега. Напротив, се работи за албум кој не само што е снимен овде, туку зборува за овде и за нас.
Со оглед на сето ова, да, задоволен сум. Радио станиците го обелија образот за разлика од ТВ, кои имаат спореден простор за музика и воопшто култура. Свирев во сите поголеми градови и задоволен сум од приемот кај публиката. На you tube каналот на Guru Hare, постојано има нови прегледи и коментари од луѓе што ја откриваат музиката на Гуру Харе, така што, се движи полека, ама се движи. Мора да бидам задоволен од фактот што успеав да го издадам албумот. Благодарност до сите што придонесоа во создавањето и Издавачки центар “ТРИ” за изданието.
ДЕНЕС: Банално е да се повторува, дека музиката и политиката се дијаметрално спротивставени активности. Не може да не се забележи, дека творбата на една песна за секој уметник, музичар го отсликува времето во кое живее. Слушајќи ги песните од новиот албум, го тера човек да се погледне во огледало и да се запраша дали музиката од позадина го креира неговото постоење, и прашањето како да ги преживее сите тие победи, падови, закони и мудрости, глупости непотребни?
Игор Атанасоски – Харе: Да! Музиката и политиката се дијаметрално спротивставени активности. Доаѓаат од сосема различни светови, но во една точка се среќаваат. Времето во кое се случуваат. А, тоа е нашето време или ние, затоа е толку лично и универзално во исто време. И што повеќе можеш да понудиш? Освен своето искуство и сведоштво за времето во кое си живеел?
Дали ние ја креираме музиката или таа од позадина го креира нашето постоење?
Имам чувство дека музиката е секогаш тука, а јас сум понекогаш доволно приемчив за да се канализира преку мене. Никогаш не сум напишал песна со намера, секогаш ме изненадува. Едноставно почнува внатрешниот глас, и…..Некогаш на крајот е песна, некогаш обид за песна, а честопати само звучна илустрација на денот.
Добрата музика секогаш се чувствува физички и навистина може да те промени. Вистинска песна во одредена емотивна состојба, ти дава чувство дека пее токму за тебе. Тоа е моќта на музиката. Ако не ги дава сите одговори, барем за момент ќе те утеши и ќе ти даде надеж. Ете така против сите:навики, закони, мудрости непотребни, обични глупости!!
ДЕНЕС: На сите ни е познато каде се наоѓа македонската музика во сегашниов момент. За разлика од субвенционираните музичари, другите творат според условите, кои нималку не се лесни, ниту за пофалба. Квалитетот се изгуби помеѓу комерцијата, вкусот, заработката и непрофесионалноста. Приметно е, дека кај македонските слушатели квалитетот доцна стасува до одобрување, а предоцна до квалификација за музички критериум. Дали клучот на оваа состојба се наоѓа во менталниот склоп, наречен: сите проблеми под чергиче?
Игор Атанасоски – Харе: Не сакам да бидам уште еден од оние што ке констатира како ништо не чини и нема надеж за нас. Мислам на Македонската популарна музика. Состојбата е како и во се` друго. Немаме критериум, нема професионализам, немаме однос кон уметниците. Деца, кои пред една година фатиле инструмент свират по клубовите kaver музика и тие се на исто ниво со некој, кој го посветил животот на музиката. Само оние македонски артисти што успеале да направат интернационална кариера (каква таква), можат да се надградуваат и да достигнат висок степен на професионалност. Другите (локалните), со текот на времето го губат ентузијазмот и завршуваат како тезгари. Егзистенција. Се` почест мотив кај младите да почнат да се занимаваат со музика. Да бидеш комерцијален, значи да свириш по свадби, и тоа е нај исплатливо кај нас и затоа тие етно примеси навлегоа во скоро сите музички стилови и се почесто сме сведоци на разни миксови.
Дел од проблемот е и тоа што елитата пропушти да го помогне создавањето на автентична Македонска сцена, за која да не именувам, имаше одлични предуслови. Требаше само да се продолжи, но место тоа тие одбраа својата потреба за култура да ја задоволуваат одејќи на концерти и настани надвор, или пак, носејќи странски изведувачи. Со тоа се распространи некоја друга култура, која помогната од силните шоу програми што се емитуваат на главните телевизии во ударен термин, ја потисна автентичната сцена. На фестивалите се уште ги слушаме истите рефрени, само наградите се поголеми. Твојата констатација дека кај македонските слушатели квалитетот доцна стасува до одобрување, а предоцна до квалификација за музички критериум, исто така е дел од проблемот. Неуспешниот обид во траење, за субвенција на македонскатамузиката гледаме во што се претвора и ништо суштински не се менува. Е, тука доаѓа менталниот склоп, кој никако еднаш да преклопи.
Надеж има! Секој нека почне од себе!
ДЕНЕС: “Каменот сведок мудро што молчи,одговор бара во моите очи.
Еееј!Погледни од блиску ова не е сон!”
Оваа нумера ја посветуваш на генерациите што растеа со стрипови, на твојата генерација. Каде се наоѓа таа во патот кон успехот, сонот? Колку истата таа успеа да се справи со промените кои неминовно поминуваа и се уште минат низ транзицијата на себепреиспитување?
Игор Атанасоски – Харе: Тоа со луѓето и припадноста на одредена генерација е како да споредуваш две машини од иста година на производство. Многу е поголема шансата да бидат компатибилни. Мојата генерација растеше со стрипови и сонуваше за подобар свет. Не` воспитуваа да бидеме сочувствителни, да им помагаме на послабите, да бидеме чесни. Тие особини денес се погубни и тоа е сериозен дефект на општеството. Не знам колку мојата генерација успеа да се превоспита себеси во духот на новото време, а потоа да ги воспита своите деца, кои се родени и растени во сосема други услови. За нив политичарите се новите поп – ѕвезди, а политиката е новата поп – култура. Јазот меѓу генерации се мери во гигабајти.
Да им веруваме повеќе на своите деца и заедно во новото време!
ДЕНЕС: Најмногу разговаравме за новиот албум, кој всушност е круна на твојата самостојна работа и енергија. Иако според некое непишано правило, стихијно би требало да почнеме од твоите претходни достигнувања, награди и соработки со врвни македонски музичари, направивме исклучок., И за крај ќе го оставиме изборот на песната “Утре е нов ден”, во соработка со Игор Џамбазов. Прашањето е: Дали е утре нов ден за тебе, за идните, постарите и генијални генерации, кои се појавија и допрва ќе се појавуваат како мислечки и творечки енергии? Која е твојата порака до нив?
Игор Атанасоски – Харе: “Утре е нов ден” е првата песна со која го почнав проектот “Гуру Харе” и логично ми беше да го поканам Игор Џамбазов да биде актерот во видеото. Нашата соработка трае од дамна и некако ни се испреплетуваат патиштата.
Инаку, песната како да е пишувана за него, па неговото присуство во видеото е оправдано. Видеото постигна голем успех и гледаност, а коментарите под песната кажуваат дека веќе е евергрин. Веројатно успеав да го допрам нервот на публиката. Тоа сознание дека дури и без нас утре е нов ден, за некои кои доаѓаат по нас, треба да не` направи поодговорни кон себе и кон другите.
Порака за идните творци: Размислувајте глобално, делувајте локално. Не дозволувајте да ве обесхрабри средината или моменталниот неуспех. Посветеност – Пожртвуваност – Љубов!
(Соња Ајановска Деловска)