Владата ја испрати целосната содржина од Законот за употреба на јазиците на мислење до Венецијанската Комисија, заедно со алтернативниот текст на членот 8, кој не е составен дел од Законот, бидејќи, како што велат од Владата, се поставило прашањето за неговата усогласеност со Уставот.
Од владата информираат дека во писмото што како прилог е проследено до претседателот на Венецијанската Комисија Џани Букичио, пишува дека испраќајќи го Законот и алтернативата на членот 8, Владата очекува мислење по истите од аспект на нивната усогласеност со европските стандарди и со принципот на владеење на правото.
Во писмото се додава дека Законот за употреба на јазиците произлегува Охридскиот рамковен договор кој е имплементиран во Уставот на Република Македонија, и дека една од целите на Законот е да се создаде хармонична правна рамка во која законските одредби нема да ја загрозат уставноста на Република Македонија, ниту европските стандарди, и што воедно ќе претставува добра почетна основа за процесот на негова имплементација.