Димитриевски: МТСП се меша во кадровската политика на општина Куманово

Сподели

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски на прес-конференција ја повика министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да го преиспита решението за одземените ингеренции за градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Димитриевски вели дека решението е тенденциозно и има за цел Министерството директно да се инволвира во изборот на директор на детската градинка. Градоначалникот бара надлежноста да се врати во Општината.

Од Министерството за труд и социјална политика преку соопштение пак наведуваат дека ингеренциите за управување со градинките на Општина Куманово се одземени заради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата.

„Градоначалникот Максим Димитриевски не постапи според своите овластувања во рамки на дадениот законски рок и ова е единствената причина за одземање на ингеренциите на општината. Сите други укажувања кои ги изнесува Димитриевски се лажни и апсурдни“, стои во соопштението на Министерството.

Освен на Куманово ингеренциите по истата основа пред околу еден месец се одземени и на Општина Струга.