Рускоска: Загрозениот сведок го посочи Груевски дека ги давал директивите

Сподели

Заштитениот сведок во случајот „27 април“ го посочил Никола Груевски како организатор на насилниот упад во Собранието. Ова за прв пат и јавно во судница го соопшти обвинителката Вилма Русковска, прераскажувајќи дел од исказот на сведокот и тоа на завршните зборови за крвавиот четврток.

Според нејзините кажувања, Јане Ченто и Александар Василевски – Нинџа му биле лути на поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност – Чавков, бидејќи цело време работеле по директива на Груевски, а подоцна ги оставил на цедило. Подоцна, на новинарски прашања, обвинителката соопшти дека наскоро очекува наредба за истрага за организаторите, иако овој пат директно не спомна имиња.

„Кои ќе бидат тие, ќе видите кога ќе ја изготвиме наредбата. Сепак сметам дека треба да се стрпите, да се донесе наредба за истрага“, рече обвинителката Рускоска.

„Многу работи се случија од кога почна судскиот процес до сега, кога сме на завршни збориви. Многу работи се случија внатре и надвор од судницата. Внатре нема да ги заборавам сведочењата на Душица Мрѓа, Фросина Ременски и Павле Богоевски. Нивните емоции кај мене како човек предизвикаа горчина и срам, што таква траума им се случила во Собранието. Законот за амнестија како политичка одлука кај мене како граѓанин, донесе уште една горчина“, рече Русковска.

Судењето продолжува во понеделник каде завршни зборови треба да дадат обвинетите и одбраната.