Заев-Борисов: Oтвораме перспективи за засилена економска соработка

Сподели

Премиерот Зоран Заев за време на работната посета на Бугарија, остварил тет-а-тет средба со премиерот Борисов, со кого разговарале за идната соработка помеѓу двете земји, која после потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство бележала постојан раст во сите области. На средбата се разгледувале можности за создавање услови за зголемување на трговската размена со взаемно намалување на царинските стапки.

„Премиерите Заев и Борисов разговараа и за подготовките за втората меѓувладина седница која оваа година треба да се одржи во Бугарија, а заеднички бизнис-форум, што се одржа во Скопје го оценија како дополнителен импулс за економската соработка како врвен приоритет на граѓаните и на бизнис заедниците на двете земји. На средбата беше констатирано дека прекуграничната соработка се интензивира и дека ќе бидат вложени сите неопходни напори стабилната трговска размена од речиси 600 милиони евра да достигне вредност од 1 милијарда евра“, се вели во соопштението на Владата.

Во него се додава дека „континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8 остануваат капитален интерес за двете земји“.

„Рехабилитацијата и градењето на железничката пруга е капитален проект од вкупна вредност од 670 милиони евра, а патната инфраструктура 93 милиони евра. 120 милиони евра се неповратни средства односно грантови од Западно-балканскиот инвестициски фонд, односно од ЕУ. Со исто толкаво внимание двете земји работат и на поврзување на гасната инфраструктура, и заедничко учество во регионални проекти и мрежи на гасна интерконекција“, се додава во соопштението.

Двајцата премиери присуствувале и на свеченото потпишување на заедничката Програма за соработка во областа на културата меѓу двете земји до 2021 година, како потврда на добрата волја и интересот за интензивирање на комуникацијата, размена на искуства и афирмација на културните вредности на двете земји.

Во насока на спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, премиерот Заев соопштил дека како резултат на работата на двете комисии за заедничко одбележување на историски настани и личности, наскоро во Македонија, во близината на Дојран, на местото каде што го загубил животот, ќе биде подигнат споменик на полковник Константин Каварналиев, бележит лик од историјата на Бугарија од периодот на Првата светска војна.