Здружението на новинарите на Македонија го осудува однесувањето на министерот за економија, Крешник Бектеши кон новинарката Милка Смилевска. Имено, на новинарското прашање на Смилевска за тоа како неговата сестра се вработила токму во период кога тој станал министер, Бектеши одговори со прашање: зошто новинарите работат во медиумите во кои работат, а зошто не во некои други?Го потсетуваме министерот Бектеши, но и останатите министри во Владата дека новинарите се гласот на јавноста и нивна работа е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека министрите треба да дадат одговори на тие прашања.Ова особено важи во случаи кога има сомнежи за злоупотреба на должноста од страна на функционери во власта. Ова не е прв случај на непримерно однесување на министрите на оваа влада. ЗНМ веќе реагираше на етикетирањето и притисоците кои беа извршени врз новинарите од страна на други владини министри.Го повикуваме премиерот Заев сериозно да разговара со своите министри бидејќи ваквите изјави и однесувања се непримерни и директно ја загрозуваат слободата на медиумите и слободата на изразувањето.