ДУИ стои зад целото ова сценарио што се случуваше во Собранието со седницата за имунитетот на Трајко Вељаноски, изјави денеска пратеникот Зијадин Села. Тој изјави дека мотивите да се заштити Трајко Вељаноски се многубројни.
„Многу се фатени во корупција и криминал, но ако се има предвид дека Трајко Вељаноски е осомничен за 27 април, можно е да имаат и нешто за 27 април да се криe“, рече Села.
Тој вели дека треба да се присетиме дека Талат Џафери знаел дека тоа што се случи на 27 април ќе се случи, Агим Нухиу од ДУИ беше министер за внатрешни работи, а ништо не знаел, а Али Ахмети не беше во Собрание на 27 април. Тој вели дека колку и да сакаат да се кријат, еднаш вистината ќе излезе на виделина, а ова се само сигнали дека сакаат да се заштитат меѓу себе. Села вели дека е јасно оти станува збор за сценарио меѓу бившите коалиционери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, дали се работи за закана или уцена или директно за 27 април, тоа ќе се види, вели тој.