Почина фотографот Јанис Бехракис добитник на Пулицеровата награда за покривањето на бегалската криза

Сподели

По долга борба со ракот, еден од најпознатите грчки фотографи, Јанис Бехракис, добитник на Пулицерова награда, почина доцна синоќа на 58-годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

Бехракис над 30 години работеше во агенцијата Ројтерс, а зад себе има низа фотографии од војните во Југославија, Чеченија, Сомалија, Авганистан, Либија и Персискиот Залив.

Како фоторепортер ги покриваше најважните настани не само во Грција, туку и во целиот свет.

Во 2016 година како лидер на неговиот тим ја доби Пулицеровата награда, за покривањето на бегалската криза, а во неговата кариера беше одликуван и со низа други меѓународни признанија.

Особено карактеристична и позната од изминатите години е неговата фотографија од грчко-македонската граница, во близина на Идомени, моментот кога татко бегалец од Сирија ја држи во раце и ја бакнува неговата ќерка додека се движи по дожд на средина од улицата.

Со соопштенија и сочувства излегоа Здружението на фоторепортери на Грција, Здружението на странски дописници во Грција, министерот за дигитална политика и информации, Никос Папас, како и лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис.