„Вила Зора“ и „Еко герила“: Почвата во тетовско има арсен 2,5 пати над дозволеното

Сподели

Испитувањата на почвата во тетовско велат дека таа е загадена со арсен два и пол пати над дозволените вредности, покажува истражувањето кое го спровеле еколошките организации „Вила Зора“ од Велес и „Еко Герила“ од Тетово – соопштија од еколошката организација „Еко Герила“.

Според нив примероците на почва и на земјоделски култури земени од нива во околина на „Југохром“ во Јегуновце била утврдена висока концентрација на арсен, додека останатите испитувани вредности, меѓу кои и концентрацијата на олово биле во рамки на нормала.

„Можам да кажам дека арсенот е најден во зелката, компирот и во други градинарски култури, што укажува на тоа дека овие култури ги апсорбираат штетните супстанци што постојат во почвата како резултат од долгогодишно загадување, додека пак во тетовското јаболкото арсен не е најден“ истакна Кире Кочов од здружението „Вила Зора“.

Јаболката, објасни Кочов, имаат подлабоки корења, што укажува на тоа дека арсенот не стасал до нив, но затоа негово присуство било регистрирано во мострите земени на длабочина од 20 и 40 сантиметри. Арсен над дозволеното бил најден и во мостри земени од површини во самиот град Тетово, во близина на училиштето „Кирил и Методиј“.

Истражувањето на „Вила Зора“ и „Еко Герила“, поддржано од УСАИД, ќе продолжи да се спроведува и на други локации во тетовскиот, скопскиот и кавадаречкиот регион и има за цел да ги утврди најдобрите начини за ремедијација на загадените почви во државата, посебно онаму каде постои производство на храна. Според нивните досегашни опитни истражувања во Велес и неговата околина, се покажало дека садењето на маслодајната репка дало најдобри резултати, со чистење на тешките метали од почвата, загадена од велешката Топилница, за три до пет години.

Според претставниците на оваа еколошка организација, кај самите земјоделци нема голема поддршка за зафати кои би значеле ремедијација на парцелите на кои тие произведуваат земјоделски производи, бидејќи се чувствуваат загрозени поради тоа што се покажало дека храната што тие ја произведуваат е повеќекратно загадена со тешки метали.

Поради ова, истакнаа од „Вила Зора“, потребно е државата конечно да изгради стратегија за ремедијација на загадените почви, итно да го донесе законот за почва, кој сега не постои, како и да изнајде начин да им се помогне на земјоделците чиишто ниви се затруени од работењето на загадувачките индустрии.