Денеска во Владата беше потпишан Меморандум за соработка за користење на Системот за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари. Поддршката за зголемена меѓуинституционална соработка и креирање на веб-алатка – “Систем за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари“, ја дадоа педесет државни институции.
Со овој систем ќе се зајакне соработката помеѓу сите институции вклучени во превенција и борба против корупцијата, без притоа да поднесуваат посебно барање за да добијат одредени податоци кои и онака можат да ги прибават законски. Со овој систем, се очекува значително олеснување на меѓуинституционалната комуникација, а со тоа и зголемување на ефикасноста во борбата против корупцијата и перењето пари.
Потписници на овој меморандум беа и министерката за правда Рената Дескоска, министерот за надворешни работи Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и информации Дамјан Манчевски, кои имаа свои поздравни говори на денешното потпишување.
– Со оваа меѓу-институционална соработка, институциите-корисници ќе може да следат предмети во кривична и прекршочна постапка, дисциплински постапки со кривични предмети со коруптивен елемент, иницијативи за кривично гонење. Покрај ова, институциите-корисници ќе може да го следат постапувањето по предметите – како пријави и извештаи кои ги поднеле, оформиле или доставиле на постапување на други институции, како што се јавните обвинителства, судовите, органите за спроведување на законот и казнено-поправните установи“, изјави Дескоска.
Покрај Министерството за правда, Министерството за надворешни работи и МИОА, потписници на овој меморандум се и ДКСК, Јавното обвинителство, СЈО, Врховниот суд, Судскиот совет, Советот на Јавните обвинители, сите апелациони и основи судови во Република Северна Македонија, Државниот завод за ревизија, Агенцијата за администрација, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Управата за извршување на санкциите, Агенцијата за управување со одземен имот и Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.