Родилиштата ќе бидат акредитирани да нудат услуги по европски стандарди

Сподели

Кога станува збор за здравјето на мајките и бебињата, нема компромиси, мора да сториме се да ги подобриме условите и да ја намалиме смртноста, рече денеска премиерот Зоран Заев на настан на кој што беа презентирани резултатите од проектот за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата.

„Една година подоцна, можам слободно да кажам дека вределе сите заложби, бидејќи резултатите се повеќе од задоволувачки. Во двете поголеми родилишта во државата, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и Клиничката болница во Тетово, обучени се 47 здравствени работници, како мултидисциплинарни тимови, кои пружаат ефективна грижа на мајките и на бебињата, пред, во текот и после породувањето.Понатаму, адаптирани се 15 протоколи за најчестите состојби кај мајката и новороденчето, пред, за време на породувањето и потоа. Во тек е нивна дистрибуција и брза обука на здравствените работници во 33 родилишта во нашата земја“, рече Заев.

Тој додаде дека Владата го усвои Акцискиот план за сексуално и репродуктивно здравје, а усвоени се и клиничките упатства за најчестите причини за смртност кај мајките во текот на бременост и породување.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека на Клиниката за Гинекологија и акушерство во 2017-та година починале 36 новороденчиња на 1.000 живородени, додека лани 24 на илјада живородени, што претставува пад за 30 проценти.

„Отворивме три центри за упатување на жени од сексуално насилство, за првпат обезбедивме бесплатни ортопедски градници, за жените коишто се оперирани од рак на дојка, почнуваме со набавка на осум мамографи во вредност од 85 милиони денари, бесплатни прегледи и лабораториски анализи во текот на бременоста, бесплатно породување за жените кои се надвор од системот на задолжително здравствено осигурување и лица без документи за идентификација, фолна киселина за секоја бремена жена и така натаму“, рече Филипче.